Нема да им плаќаме, Не пиеме нафта – скапо е, Нема веќе евтино со овие извици и пароли неколку стотици граѓани го изразија своето незадоволство од најновите поскапувања на горивата, струјата и парното. Насобраните негодуваа против одлуките на Регулаторната комисија за енергетика пред нејзиното седиште на плоштадот Пела, но и пред Владата од која бараат субвенции за акцизата на бензините. Граѓанската иницијатива АМАН која повика на протест преку социјалните мрежи смета дека е крајно време народот да се побуни бидејќи стандардот од ден на ден е се помал, а сметките за комуналии се повисоки.
Од АМАН пресметале дека заедно со укинувањето на дневната евтина тарифа, поскапувањето на струјата е над 15%. Бараат да се укине индустриската струја, да се повлече новиот правилник на Топлификација, цената на парното да се намали за 4%, да се воведе максимална граница над која не можат да поскапат горивата.
Од АМАН ги повикаа граѓаните да протестираат секој вторник во 18 часот пред портата Македонија се додека Владата и Регулаторна не ги прифатат нивните барања за поевтинување на енергенсите. За потсетување горивата во рок од еден месец поскапеа за 10 и пол проценти, а во меѓувреме пораснаа цените на струјата за 10 и парното за над 3 проценти.
Тања Попова