Граѓаните го кренаа гласот против поскапувањата

Posted: Август 16, 2012 in Uncategorized

Во Скопје и во Битола бурно протестираа илјадници жители, бараат враќање на цените на струјата, парното и на горивата од 2008 година

Над 500 граѓани во организација на социјалната група „Аман“ завчеравечер пред зградата на Регулаторната комисија на плоштадот „Пела“ со бурни извици и пароли во рацете го искажаа своето незадоволство од одлуките на Комисијата за зголемување на цените на струјата, парното и енергенсите. Се протестираше и во Битола, каде што на улица излегоа околу 1.500 лица, негодувајќи на високите цени на енергенсите и на лошиот стандард.

Во Скопје се извикуваше, „Крадци, крадци“, што беше и главната парола на протестот, а на транспаренти пишуваше: „ Стани си утре порано, дојди си вечер подоцна, за да переш на евтина“, „Кој ја регулира Регулаторна?“ , „Парите не се проблем, пари немаме“, „Струјата те моли, не пали ме ќе те боли“… и слично.

„Треба да протестираме, и тоа не секој вторник, туку секој ден. Ова со поскапувањата веќе стана неиздржливо. Платите се исти со години, а некои цени отидоа и над 60 отсто. Се’ е поскапено. Крајно време е да се побуниме, инаку, нема да се сменат работите. Не е важно кој на која политичка партија и’ припаѓа. Сите треба како луѓе да се избориме за своите човечки права, за пристоен живот“, вели скопјанецот К.Г.

„Аман“ е граѓанска иницијатива што се формира неодамна преку социјалните мрежи, со цел да ги организира граѓаните да излезат на протести поради сите поскапувања што им го уништуваат животниот стандард. Барањата на „Аман“ упатени во Регулаторна и до Владата се: да се врати цената на струјата и на парното од нивото во 2008 година, да се врати евтината дневна тарифа, да се укине ставката ангажирана моќност од 33 проценти во сметките за струја, итно да се повлече новиот Правилник на „Топлификација“ и да се намалат цените на нафтените деривати во согласност со стандардот на живеење.

Доколку надлежните не одговорат на барањата, од „Аман“ најавуваат дека ќе преземат помасовни протести низ цела Македонија.

Завчера се протестираше и во Битола. Над 1.500 граѓани маршираа по Широк сокак, со кандила во рацете и со бурни скандирања против поскапувањето на струјата, горивата и укинувањето на дневната евтина тарифа на струјата. На транспарентите пишуваше: „Ќе се капиме само во недела“. Граѓаните се пожалија дека се’ повеќе ја чувствуваат сиромаштијата, цените растат, а платите и пензиите не стасуваат ниту за десет дена од месецот.

„Имам 80 години, пензијата ми е 8.000 денари. Со кои пари да плаќам толку скапа струја. Станувам ноќе во 2 часот за да зготвам, да исперам, не можам да опстанам. Стандардот го намалија, платите мали, струјата поскапува. Сега еднаш во неделата да се капиме, да переме и да готвиме“, се пожалија битолчани.

„Смачено ни е на сите. Протестот нема партиска боја, собрани се граѓани на кои им е преку глава од поскапувањата. Струјата од 2008 година е поскапена за 56 проценти. Од Регулаторната комисија и од ЕВН се правдаат дека има енергетска криза, но кај нас во Македонија покачувањето на цената најмногу се чувствува“, рече Ѓорѓи Пулевски.

Од „Аман“ најавија протести секој вторник и ги повикаа граѓаните да се приклучат во поголем број. (М.Т.-А.Б.)

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s