Августовските сметки за парно греење ги смрзнаа скопјани. Во просек тие се подебели за 23 проценти во споредба со истиот месец лани. Тие отприлика се големи колку што изнесуваше највисоката сума што ја плаќале во последната грејна сезона за месеците декември или јануари, кога земјава ја зафати „сибирска“ зима. Во пари, тоа значи дека за стан од 70 квадрати, за кој лани во август сметката за парно греење била околу 3.300 денари, корисникот сега плаќа околу 1.000 денари повеќе или над 4.200 денари.
Граѓаните се во паника. Прашуваат ако овој есенски период плаќаат толку „дебели“ сметки, колку ќе плаќаат во најладните зимски месеци. Ако температурите драстично се намалат, декемвриските сметки што граѓаните ќе ги добијат во јануари в година може да бидат многу повисоки.
– Ова се авансни сметки кои ќе важат до декември. И кумулативно се повисоки за околу 23,5 отсто во споредба со ланскиот август.
Граѓаните се револтирани од, како што велат, безобразно високите сметки за парно греење, од кое веќе не можат да се исклучат.
– Се шокирав кога ми стигна сметката за парно греење. Не ми се веруваше дека августовската сметка, со поскапувањето од, како што се тврдеше околу 4 отсто, ќе ме чини дополнителни околу 1.000 денари во споредба со ланската августовска. Сега ми пресметале дека авансно во наредните неколку месеци треба да плаќам толку колку што плаќав во најладните месеци во минатата грејна сезона, јануари, февруари – вели Елизабета Јаневска од Скопје, која ни изјави дека се кае што не ја искористила можноста да се ослободи од парното.
Александра Филиповска-Дневник