Августовските сметки за струја повисоки и за 50 отсто

Posted: Септември 16, 2012 in Инфо

Струјата поскапе за 10 отсто, а граѓаните добија повисоки сметки од 10 до 50 отсто

Маја Томиќ-Утрински весник

Последната сметка за потрошена електрична енергија за месец август ги замрзна граѓаните. Иако тие очекуваа дека ќе платат повисоки суми отколку досегашните, поради последното поскапување од околу 10 проценти, сепак многумина се збунети затоа што не веруваа дека ќе добијат поголеми сметки и до 50 отсто. Дел од граѓаните треба да платат повисока сума за струја за 10, некои за 30, а други дури и за 50 отсто во споредба со досегашните суми, зависно од тоа во која група на корисници припаѓаат. Така, иако сите се надеваа дека ќе плаќаат за струја само 10 отсто повеќе, математиката, сепак, не е толку едноставна. Всушност, на вкупната сума зголемена за десет отсто се пресметуваат и плус оние 33 отсто за ангажирана моќност и дополнително 18 отсто данок како и редовната комунална такса за јавно осветлување од 120 денари. И така на крајот сметките се подебели за многу повеќе.

„Моето семејство брои четири члена и живееме во стан од 60 квадратни метри. Сите претходни сметки за струја, од почетокот на годината, изнесуваа меѓу 1.900 и 2.100 денари. А, последната за месец август е 3.000 денари. Знаев дека поради поскапувањето ќе добијам поголема сметка, но не за толку. Дополнително што 15 дена од месецот бевме отсутни од дома. Се прашувам, ако сега, преку лето имам толкава сметка, колкава ли ќе биде во зимските месеци, затоа што се грееме на струја. Сигурно најмалку за двојно. Не знам како да се живее со оваа скапотија“, вели скопјанката Т.М..

Надлежните од ЕВН објаснуваат зошто августовските сметки за електрична енергија за граѓаните се многу повисоки од очекувањата и зошто се различни, односно некои се поголеми за 10, а некои за многу повеќе.

„Висината на сметките за август е различна затоа што зависи од тоа во која корисничка група, од вкупно четири, спаѓаат потрошувачите. На пример, оние кои се во првата група, на кои струјата им се чита од 1 до 7 во месецот, во сметката за август ќе имаат пресметано за 10 отсто поскапа струја само за тој период. На оние, пак, кај кои отчитувачкиот период е од 15 до 21 во месецот, ќе им се пресметува новата цена за подолг период, и така натаму, со еден збор, дури во сметките за електрична енергија за септември на сите граѓани ќе им биде вкалкулирано целосното поскапувањето од 10 отсто. На крајната сума, како што е познато, се додаваат уште 33 отсто за ангажирана моќност и плус 18 отсто за ДДВ“, велат од ЕВН „Македонија“. Додаваат дека е при крај процедурата за механичко приспособување на броилата за укинување на дневната, евтина тарифа за домаќинствата, која важеше од 13 до 16 часот. „Приспособувањето е извршено речиси кај сите нови дигитални броила, а во местата каде што ги нема, во тек е механичкото регулирање“, посочуваат од компанијата.

Инаку, последното поскапување на струјата од 1 август, врз основа на барањата на ЕВН „Македонија“ и на ЕЛЕМ, изнесуваше 9,83 отсто. Тоа е второ поскапување за годинава, откако од 1 јануари струјата скокна за 7 проценти. Паралелно со новата цена на струјата доаѓа и поскапувањето на парното греење, кое на 1 јануари оваа година изнесуваше 10 проценти, а во август 4 отсто.

И додека од минатиот месец ЕВН ги прави новите пресметки за струјата според зголемената цена и ги приспособува броилата за укинување на евтината, дневна тарифа, во Скопје и во други градови во земјава веќе еден месец, секоја недела се организираат протести на илјадници граѓани од здружението „Аман“ поради континуираното зголемување на цените на бензините, струјата и парното, кои повлекуваат и низа други поскапувања. Реакциите се насочени кон Владата, Регулаторната комисија за енергетика, ЕВН и ЕЛЕМ, како директни учесници во креирањето на новите цени кои се’ повеќе го уништуваат и онака нискиот животен стандард.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s