Закани по живот и безбедноста на семејството, вчера доцна попладне добил еден активист на граѓанското здружение „АМАН“, информираа од Здружението – пренесе Плусинфо.
Две непознати лица, вчера доцна попладне, во центарот на Скопје, насила запреле активист на „АМАН“, му покажувале слики од протестите со заокружени активисти и му рекле дека лошо ќе помине тој и неговото семејство, ако не запре со протестирање и собирање на потписи.
Од граѓанското здружение „АМАН“, велат дека не се сомневаат во никој, но за инцидентот ја информирале полицијата и мисијата на ОБСЕ во државава. Од институциите бараат брза реакција за пронаоѓање на заканувачите и нивно соодветно казнување.
– Влегуваме во опасна зона на закани, само да ја запреме иницијативата за собирање 10.000 потписи со кои бараме промена на Законот за енергетика. Нашите барања се граѓански, а не политички и затоа ќе продолжиме со иницијатива се до остварување на барањата. Ги повикуваме граѓаните да не се плашат и да ни се придружат со своите потписи – рече Васко Лазаревски од „АМАН“ на прес конференција која денеска ова здружение ја држеше пред зградата на влада.
Според Плусинфо пред да ја дадат изјавата активистите на „АМАН“ имаа мал инцидент со полицијата која бараше да се тргнат од троторот пред Влада, оти не го најавиле протестот, односно прес конференцијата.
– Апелираме, премиерот, да не го кочи процесот и што побрзо да го препрати нашето барање до Државната изборна комисија, за да можеме навреме да ја почнеме постапката за собирање 10.000 потписи, зашто времето изминува – порача Нада Чоревска од „АМАН“.
Извор:Либертас