Правото на протест среде партиската борба за власт

Posted: Октомври 3, 2012 in Инфо

                                                                                      Учесниците на протести што се членови на СДСМ другите ги сомничат дека имаат задни намери. Власта успешно ги оцрнува непартиските граѓански протести кога ќе „докаже“ нивна поврзаност со СДСМ. И првото и второто не би било така, ако СДСМ конечно се социјалдемократизира

Последниве години при секој граѓански протест се повторува истата слика. Власта, наместо да направи напор да ги разгледа барањата на протестантите, го користи својот веќе испробан метод: го делегитимизира граѓанскиот протест тврдејќи дека тој е поттикнат или поддржан од опозицијата. Ако и успее да ги убеди граѓаните дека е така, тогаш граѓанскиот протест се соочува со речиси ненадминлив проблем.

Што има проблематично во тоа опозициските партии да дадат поддршка на некој граѓански протест и во тоа нивни членови да учествуваат на протестот? Дали во принцип е тоа проблематично или тоа е некаква македонска специфика? И ако е македонска специфика, дали тоа значи дека ние сме дале еден неодминлив придонес кон теоријата и практиката на демократијата или дека власта успева во својата намера да го спречи спротивставувањето на своите политики по цена на поткопување на демократските стандарди?

Во Уставот на оваа земја пишува дека граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест, како и тоа дека тие се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Сето ова кажува дека исто како што не смее да се дискриминира по етничка и родова припадност, не смее да се дискриминира ниту според политичкото уверување на граѓаните. Во врска со кое било човеково право, вклучувајќи го и правото на изразување јавен протест!

Некој ќе забележи дека власта ниту ја спречува опозицијата да дава поддршка на граѓанските протести, ниту пак ги спречува членовите на опозициските партии да учествуваат на нив. Несомнено е така, не ги спречува, но ја делегитимира таквата поддршка. А делегитимирањето е благ облик на прекршување на уставно гарантираното право на изразување протест. Секој оној член на опозициска партија што сака да поддржи некој граѓански протест, во македонски услови, се соочува со две дилеми што не смеат да му се наметнуваат. Дали, ако се појави на протестот, тоа ќе му даде некому за право да ја наруши неговата приватност, објавувајќи фотографии од него? И дали со своето појавување тој ќе придонесе за успехот на протестот или ќе му наштети? Ако тој, поради овие дилеми, се откаже од своето учество на граѓанскиот протест, тогаш тоа значи дека на суптилен начин власта успеала да го спречи тој граѓанин од уживањето на едно уставно гарантирано право.

Но зошто успева делегитимирањето на граѓанските протести со самото тврдење дека се поттикнати или поддржани од опозицијата? Една од причините е недоволно изградената демократска свест кај граѓаните. Да не беше така, нема така лесно да поминуваа обидите на власта за оцрнување на граѓанските протести на ваков евтин начин. Сепак, многу поважната причина е самата опозиција и пред сè главната опозициска партија, СДСМ.

Замислете ја следната ситуација. Да претпоставиме дека СДСМ е партија што ги застапува интересите на мнозинството сиромашни и непривилегирани во оваа земја. И дека, во контекст на конкретниот случај со тековниот протест против поскапувањата, смета дека поскапувањата на струјата, парното и горивата нема да беа толку големи ако сите одговорни фактори одговорно си ја вршеа работата. И дека приватизацијата преку докапитализација на значителен дел од ЕЛЕМ не смее да се дозволи, бидејќи ќе оди против интересите и на Македонија како држава и против стандардот на нејзините граѓани. Како што покажа во практиката приватизацијата на ЕВН (која, при оваа претпоставка, СДСМ би ја осудила, иако самата ја направи).

Дали, при една ваква претпоставка, обидот на власта да ги поврзе граѓанските протести со главната опозициска партија би значел нивно обезвреднување? Или, пак, поддршката од една ваква партија би била дури и позитивно поздравена од самите протестанти?

Оваа претпоставена ситуација може да ни послужи за правилно да го лоцираме проблемот. Власта се обидува да ги делегитимизира граѓанските иницијативи преку тврдењето дека тие се поврзани со СДСМ токму поради тоа што СДСМ не е онаа партија од нашата претпоставена ситуација. Партијата од нашата претпоставена ситуација е партија со социјалдемократска ориентација, а СДСМ тоа, и покрај своето име, ниту некогаш била, ниту сега е. Учесниците на протести што се членови на СДСМ другите ги сомничат дека имаат задни намери. Власта успешно ги оцрнува непартиските граѓански протести кога ќе „докаже“ нивна поврзаност со СДСМ. И првото и второто не би било така, ако СДСМ конечно се социјалдемократизира. А таа социјалдемократизација на СДСМ би била и далеку подобра стратегија за освојување на власта од темелењето на целата надеж врз тоа дека зголемувањето на незадоволството на граѓаните од сегашната власт автоматски ќе значи зголемување на неговиот изборен рејтинг. Но големото прашање останува: колку СДСМ сака да се социјалдемократизира? Колку заштитата на интересите на сиромашните и непривилегираните може да му биде поважна од искористувањето на власта за лична корист на одреден мал круг луѓе?

Авторот е универзитетски професор

Автор: Здравко Савески

Извор: Нова Македонија

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s