Против поскапувањата со седење дома

Posted: Октомври 3, 2012 in Инфо

                                                                                      Многумина наши сограѓани сметаат дека е доволно да даваат само вербална поддршка за протестите, да очекуваат сите други освен тие самите да им ги решат проблемите и уште од почетокот да се убедуваат себеси и другите дека се е залудно

Кога неправдата станува закон, тогаш отпорот станува должност. Оваа изрека на Томас Џеферсон, позната во светот, а речиси непозната во Македонија, е дел од Прогласот што граѓанската иницијатива „Аман“ го чита на секој од своите протести против поскапувањата на енергентите. Нејзиното цитирање има цел да ги поттикне граѓаните да излезат на протестите од едноставна причина што поскапувањата речиси за сите нив значат уште едно важно оптоварување на семејниот буџет.

Сепак, во врска со протестите се наметнува една дилема. Тоа дека поскапувањата речиси за сите граѓани значат уште едно важно оптоварување на семејниот буџет е неспорно. Можеби за малиот и сè помалиот број богати и пребогати граѓани поскапувањата не значат ништо, ама за големото мнозинство граѓани тие се од исклучителна важност. Но, зошто тогаш релативно мал број граѓани излегуваат на протестите против поскапувањата?

Секако дека не може да се смета за точно дека секој што сака да излезе на протести може тоа и да го направи. Некој е на работа за време на протестите, некому му излегла некоја обврска, која едноставно не може да ја одложи, некој мора да чува деца, некој се разболел.

Покрај тоа, следна сосема објективна причина зошто некој не излегол да протестира е неинформираноста. Информацијата едноставно не стигнала до него и поради тоа тој не протестирал. Граѓанските иницијативи, како тековната иницијатива против поскапувањата на енергентите, се речиси по дефиниција финансиски слаби, бидејќи се финансираат од доброволните прилози на присутните на протестите. Поради тоа, не можат да закупат простор во некој медиум и не можат да лепат големи и колоритни постери по улици. Дополнителен проблем е тоа што во координативните тела најчесто немаат доволно луѓе за да лепат поголемо количество постери, па и поради тоа некои граѓани остануваат неинформирани. Присуството на медиумите на нивните прес-конференции е од големо значење, но и тоа не гарантира дека сите граѓани ќе бидат информирани. Особено ако некои медиуми намерно одбиваат да известуваат од тие прес-конференции и од самите протести.

Следната причина зошто некој не би дошол на протести е стравот. Ова доста често се наведува како причина и не може да се каже дека во некои случаи тоа не држи. Не само што можат да се добијат закани за личната безбедност туку некој што присуствувал на протест може да добие отказ од работното место, или истото да му се случи на некој негов близок. Во последните години тоа кај нас добива сè поизразени форми и зборува за реалниот пад во демократичноста што ни се случува. Ако имаме случаи на загрозување на работното место поради користење на уставно гарантираното право на слобода на изразување и мирно собирање, тогаш никој не може да негира дека имаме реален проблем со кршење на демократските стандарди. Сепак, некогаш стравот е далеку повеќе неоснован од основан. Некогаш неговата основаност е слична на онаа кога некој одбива да патува со авион, бидејќи постои одредена веројатност тој да се сруши. Да, може да се сруши авионот, ама колкави се шансите навистина да се случи тоа? Да, може некој да има реперкусии поради искажаниот јавен став, ама колку реално има таква опасност? Секој треба сам да си процени колку е основан неговиот страв, а колку тоа му служи како изговор пред себеси и пред другите да не придонесе за нешто што е во негов прилог. Во секој случај, далеку е поголем бројот на граѓани што го наведуваат стравот како причина за своето неприсуство на протести отколку што е бројот на оние што реално се соочуваат со притисоци.

Тука доаѓаме до најпроблематичната причина за недавањето поддршка за протести со лично присуство. Многумина наши сограѓани сметаат дека е доволно да даваат само вербална поддршка за протестите, да очекуваат сите други освен тие самите да им ги решат проблемите и уште од почетокот да се убедуваат себеси и другите дека сè е залудно. Односно, проблемот е во немањето протестна култура, во неподготвеноста да се излезе на протест за да се изрази незадоволство од некоја мерка, која ги загрозува правата или стандардот, и да се даде свој придонес таа ситуација да се промени. Ако барем половината од оние што вербално ги поддржуваат протестите против поскапувањата излезат на протести, ова ќе беа најмасовните социјални протести во нашата земја. Но, наместо тоа, многумина бегаат од личната одговорност и, иако проблемот егзистенцијално ги засега, очекуваат другите да им ја завршат работата и да се изборат за она што е и во нивна полза. Сепак, при ваков случај народните протести обично ја покажуваат оваа динамика: неприсуството на протести на оние што даваат само вербална поддршка ги разочарува оние што се одважиле да излезат на протести и следниот пат некои од нив нема повторно да се појават. Намалувањето на бројот на протестанти потоа ги разочарува оние што се поактивни на протестите, па и тие го губат својот ентузијазам и… протестите замираат. Затоа, секој засегнат треба да знае дека со седење дома ништо не се постигнува. Секој што од почеток вели дека сè е залудно, со својата (не)активност самиот придонесува така и да биде.

Авторот е универзитетски професор

Автор: Здравко Савески

Извор: Нова Македонија

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s