По речиси два месеца протестирање секој вторник во 18 часот, движењето „Аман“ ја менува стратегијата на протестите. Движењето најавува голем протест, кој ќе се одржи следниот викенд на 13 октомври, во сабота напладне, на веќе познатата локација во центарот на градот, меѓу зградите на ЕВН и Регулаторната комисија.
– Ќе протестираме секоја сабота напладне за да можат што повеќе граѓани кои се незадоволни од сегашната политика на цените на струјата и парното да ни се придружат, оти тогаш не се на работните места. Втора причина за промена на времето од 18 часот на 12 часот се температурните разлики кои се случуваат во овој период од годината – објаснува Џелал Хоџиќ од „Аман“.
Од „Аман“ не откриваат други детали за она што ќе се случува за време на протестот во сабота на 13 октомври, точно во 12 часот.
„Аман“, заедно со сите кои не се согласуваат со сегашните цени, вели Хоџиќ ќе протестира сè до остварување на барањата, а тоа се: враќање на цените на струјата и парното на нивото од 2008 година; укинување на „данокот“ од 33 проценти за ангажирана моќност и укинување на правилникот на „Топлификација“.
Р.И.М.
Извор:Плусинфо