Зелено светло доби граѓанската иницијатива на АМАН за измените на законот за енергетика. И пратениците од опозицијата и од власта гласаа ЗА и во Законодавната и во комисијата за политички систем – со што го официјализираа предлогот.
„Едногласно беше прифатено нашето барање. Досега пратениците сами не предложија измени и затоа сакаме иницијативата до крај да ја истуркаме да се знае дека е од граѓаните“ изјави Неда Чаповска, АМАН.
Сега на потег е претседателот на собраниетот Вељаносвки, кој треба писмено да ги извести за одлуката, по што АМАН ќе треба да собере 10.000 потписи за иницијативата да биде ставена на дневен ред во Собранието.
„Најдоцна до петок очекуваме да го добиеме известувањето писмено од Вељановски и од другата недела да почнеме со собирање на потписите “ изјави Чаповска.
По серијата на поскапувања на цените на електричната енергија и на парното, но и укинувањето на евтината тарифа, опозицијата го обвинуваше Регулаторот за незаконска корекција на цените. А владата сето ова време се оградуваше и вината ја префрлаше токму кај Регулаторот. Но никој од партиите не отвори дебата во Собранието за одлуките на Регулаторот.