10.000 потписи се предизвик, „АМАН“ тргнува по поддршка

Posted: Октомври 25, 2012 in Инфо

Активистите на „АМАН“ донесоа две важни одлуки: првата е преселбата на нивната борба во институциите, а втората – да ја прифатат поддршката на други граѓански организации за исполнување на нивните цели.

Граѓанската иницијатива „АМАН“ е пред нов предизвик – за Собранието да прифати да расправа за неговите барања, ќе треба да собере 10.000 потписи за три месеци. По десет недели улични протести, во кои доби масовна поддршка, но не и масовно присуство од граѓаните, „АМАН“ влегува во нова битка, овојпат со административните и законските бариери. Дури и да ги собере потписите, иницијативата може да не успее, затоа што остварувањето на нејзините цели на крајот повторно ќе зависи од политичката волја на власта. Но, од „АМАН“ веруваат дека формализирањето на поддршката од голем број граѓани ќе испрати силна порака и ќе направи притисок врз власта да ги исполни нивните барања.

„Самата бројка од 10.000 потписи зборува за тоа дека институциите ја димензионирале за да повеќето граѓански иницијативи да се откажат уште на самиот почеток. Но, од нашето искуство, со многу мала логистика и многу голема желба, може да се постигне многу. Во исто време, се обидуваме да ги вклучиме сите здруженија на граѓани, еснафски здруженија, синдикати и невладини организации да ни помогнат. Проблемите кои ние ги потегнавме во јавноста ги засегаат сите. Ние сме решени да ја водиме оваа иницијатива до крај. Сите парламентарци можат да сметаат дека сите активисти на АМАН и граѓаните ќе дојдат пред Собранието кога ќе се расправа за нашите барања, вели Васко Лазаревски од граѓанската иницијатива „АМАН“.

„АМАН“ досега се издвои како неформална граѓанска иницијатива, која се труди да се дистанцираа од политичките етикети, но и од влијанијата на формалниот граѓански сектор. Граѓанскиот активист Петрит Сарачини смета дека иницијативата може да успее, ако неформалните активисти од „АМАН“ ја прифатат поддршката на невладините организации, со чија помош можат да се соберат потребните потписи. Пример за ваквата соработка е откритието на Хелсиншкиот комитет дека 13 од 15 прописи по кои работи Регулаторната комисија за енергетика се донесени надвор од законот, вели Сарачини.

„Граѓанските активисти се оние што протестираат, ги вадат проблемите на површина, а формалниот граѓански сектор треба да го препознае тоа и да го артикулира тој гнев на граѓаните преку своето знаење, потенцијали, ресурси и инфраструктура“, смета Сарачини.

И без да се знае каков ќе биде резултатот од оваа борба, првичниот успех на „АМАН“ во институционалната борба за остварување на своите цели остави во јавноста впечаток дека граѓанската активност не е залудна. Според професорката Татјана Стојановска – Иванова, граѓаните препознаа дека „АМАН“ легитимно ги застапува нивните интереси и дека затоа ќе му ја дадат својата поддршка.

„АМАН“ испраќа порака до граѓаните дека ако нешто се сака и ако навистина го носи предзнакот „граѓански“, тогаш може да се истрае. Тоа е еден вид на никулец во граѓанското организирање. Во поширок општествен контекст, иницијативноста на „АМАН“ ја потхранува вербата кај граѓаните дека може да има правда, а од друга страна ги охрабрува да се осмелат и за други иницијативи“, смета Стојановска – Иванова

Времето за собирање потписи за иницијативата на „АМАН“ започнува да тече деновиве. За да иницијативата успее во законскиот рок, во просек по 111 граѓани дневно ќе треба да го ставаат својот потпис. До конечниот успех на иницијативата, пак, остануваат уште многу бариери. Активистите на „АМАН“ продолжуваат со протестите. Селдниот е закажан за в сабота, во 12 часот.

Жарко Настоски Радио МОФ

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s