Закани по живот и безбедноста на семејството, вчера доцна попладне добил еден активист на граѓанското здружение „АМАН“, информираа од Здружението.
Две непознати лица, вчера доцна попладне, во центарот на Скопје, насила запреле активист на „АМАН“, му покажувале слики од протестите со заокружени активисти и му рекле дека лошо ќе помине тој и неговото семејство, ако не запре со протестирање и собирање на потписи.
Од граѓанското здружение „АМАН“, велат дека не се сомневаат во никој, но за инцидентот ја информирале полицијата и мисијата на ОБСЕ во државава. Од институциите бараат брза реакција за пронаоѓање на заканувачите и нивно соодветно казнување.
– Влегуваме во опасна зона на закани, само да ја запреме иницијативата за собирање 10.000 потписи со кои бараме промена на Законот за енергетика. Нашите барања се граѓански, а не политички и затоа ќе продолжиме со иницијатива се до остварување на барањата. Ги повикуваме граѓаните да не се плашат и да ни се придружат со своите потписи – рече Васко Лазаревски од „АМАН“ на прес конференција која денеска ова здружение ја држеше пред зградата на влада.
Пред да ја дадат изјавата активистите на „АМАН“ имаа мал инцидент со полицијата која бараше да се тргнат од троторот пред Влада, оти не го најавиле протестот, односно прес конференцијата.
– Апелираме, премиерот, да не го кочи процесот и што побрзо да го препрати нашето барање до Државната изборна комисија, за да можеме навреме да ја почнеме постапката за собирање 10.000 потписи, зашто времето изминува – порача Неда Чаповска од „АМАН“.
Таа потести дека иницијативата за собирање на потписи за промена на Законот за енергетика,досега ги поминала сите процедури и дека претседателот на собранието, нивното барање го препратил до премиерот,кој сега треба да ги ангажира институциите за нивна подготовка за реализирање на иницијативата.
Р.И.М. Извор: Инфоплус