Пратениците уште еднаш го отфрлија барањето на граѓанската иницијатива „АМАН“ за поевтина струја и парно. За време на денешната расправа, собраниската законодавно-правна комисија не ги прифати предложените измени на Законот за енергетика со образложение дека нема услови Собранието законски да и наложи на Регулаторната комисија за енергетика како трајна мерка да ја воведе евтината дневна тарифа за струја.
Против граѓанската иницијатива, инаку поддржана од над 13 илјади граѓани, гласаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а пратеничката Сузана Салиу од ДУИ остана воздржана. Пратениците од опозициската СДСМ не присуствуваа на расправата.
Собранието денеска ја стави иницијативата на „АМАН“ и на дневен ред на денешната пленарна седница. Според најавите, партиите ДУИ, ДПА и НДП најавија дека ќе го поддржат барањето на „АМАН“, додека од ВМРО ДПМНЕ посочија дека ќе го прифатат ставот на собраниските комисии.
Инаку пред неколку дена Kомисијата за економски прашања го отфрли предлогот на „АМАН“ со образложение дека доколку се врати дневната евтина тарифа, со тоа ќе се оптоварат електраните, ќе се зголеми увозот на скапа струја и ќе поскапи електричната енергија. Претставниците на „АМАН“ најавија дека доколку не добијат поддршка за нивните барања во Собранието, можно е да покренат поголема акција за собирање 150.000 потписи за референдум за овие прашања.
Извор: Радио Моф